Успешни приказни: Баже Зафиров

Поранешен ученик, сега Софтверски Инженер

Роден сум речиси слеп, со можност да забележувам светлина и нејасно да гледам некои поголеми предмети. Основното образование го поминав во ДУРДМОВ „Димитар Влахов“, каде што, за разлика од средината надвор од училиштето, никогаш не се почувствував исклучен. Напротив, затоа што и другите ученици беа слепи или слабовидни, тука имав вистинско, исполнето детство – трчање, брканици, игри, без чувство дека нешто ми е ускратено.

Растејќи во маало каде што другите деца често се собираа да играат фудбал или игри со топка, рано искусив што значи да не можеш да бидеш дел од некои активности. Но, со запишувањето во „Димитар Влахов“ тоа се промени – физичкото образование беше прилагодено за нас, а спортовите како голбал, атлетика, фрлање ѓуле и копје ми овозможија да бидам активен и рамноправен на спортските терени.

Освен спортот, во Димитар Влахов почнав посериозно да се занимавам и со музика. Од второ до осмо одделение учев клавир и хармоника во нижото музичко училиште, што ми даде солидна основа за да продолжам сам да учам и други инструменти, како гитара. Денес, музиката сè уште е дел од мојот живот, а дома имам неколку инструменти – клавир, гитари, хармоника.

Средното образование го продолжив во меѓународната гимназија НОВА – редовно училиште, каде што искуството што го стекнав во „Димитар Влахов“, особено вештините за ориентација и мобилност, самостојно адаптирање на учебниците, користење компјутер со говорен екрански читач итн., ми помогнаа да се изборам за сè што ми беше потребно за успешно да го завршам средното училиште. Паралелно, почнав да се вклучувам во различни активности, Еразмус+ проекти насочени кон поддршка на слепи и слабовидни лица.

Баже Зафиров

Денес живеам во Австрија, каде што студирам софтверско програмирање и работам во истото поле. Стекнатите вештини од „Димитар Влахов“ и овде ми се од голема помош во секојдневното самостојно живеење, студирање и работење, а наклонетоста кон спортот што ја стекнав во основно остана дел од мене, па и овде продолжив со активно тренирање на спортовите торбал и џудо.
За крај можам да кажам дека искуствата од „Димитар Влахов“ имаат огромно влијание врз тоа кој сум денес. Тоа е местото каде што не само што стекнав знаење, туку научив и како да се борам за она што ми е потребно. Таму изградив самодоверба, научив да ги кажам своите барања и да не се плашам да се изборам за нив. Ова училиште не беше само образовна институција за мене – беше местото каде што се изградив како личност што знае што сака и како да го постигне тоа.

© 2025 ДУРДМОВ – Сите права се задржан

Димитар Влахов